Програма на Зорица Цветковска за Кандидат за Претседател на Република Македонија
Со мојата инаугурација, ВЕДНАШ ќе започнам со активности за реетаблирање на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.
Во таа смисла:

Заклетвата кога ќе ја давам, ќе биде заклетва кон РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.
Ќе покренам иницијатива за РЕФЕРЕНДУМ за раскинување на договорите со Бугарија и Грција.
Врз основа на моите надлежности нема да потпишам ниту еден Указ за Закон на кој што ќе пишува северна.
Исто така, ќе ги враќам на доработка сите закони кои што се донесени во сомнителна процедура, во таа смисла и закони кои што се донесени со злоупотреба на европското знаменце.
На секој собир, на кој што ќе учествувам говорите и јавните настапи ќе ги одржувам на МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК
На сите јавни настапи ќе го користам вистинското име на мојата држава – Република Македонија.
Ќе дадам максимална поддршка на сите политички структури и организации за враќање на името на Република Македонија и тоа како национална држава на Македонците и сите лојални граѓани од немакедонско потекло.
Во својство на Врховен командант на вооружените сили ќе се заложам за реформи на безбедносниот систем за потребите на одбраната и безбедноста на Република Македонија.
Како експерт во доменот за социјална политика и социјална заштита, ќе оформам фонд за лекување на итни случаи во и надвор од Македонија.
На позиции амбасадори на Република Македонија, ќе назначувам исклучиво компетентни лица, кои што ќе бидат вистински претставници исклучиво на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.
Сите лица кои што јас ќе ги назначувам, во согласност со моите надлежности, ќе бидат исклучиво според мериторен критериум, односно да бидат соодветни за таа позиција, без врска на нивната политичка, верска, национална или друга припадност.
На мојот кабинет ќе му наложам изготвување предлог закон за директни избори на судии, обвинители и други јавни функционери, односно нема да го користам правото за предлагање на двајца судии за во Уставниот суд на Република Македонија.
Сите мои активности ќе бидат во согласност со Уставот, законите, моите надлежности, освен што секаде и секогаш, уште од самиот почеток ќе го користам името РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.
Ќе ги отповикам сите амбасадори и претставници, кои што не постигнале резултати, или пак се пратени како награда за определена политичка активност без да бидат компетентни за таа должност.
Собранието на Република Македонија, за мојата работа ќе го известувам најмалку еднаш во три месеци, наместо досегашната практика од еднаш годишно.
Ќе оддржувам редовни контакти со Македонците надвор од Македонија, особено со оние што живеат и работат во соседните држави на Република Македонија.
Со мој избор на претседател ќе ги ставам во мирување сите мои партиски активности, ќе бидам претседател буквално на сите граѓани на Република Македонија, но ако матичната партија (ПП ДЕСНА) ми замери за мојата работа и побара моја оставка, ВЕДНАШ ќе ја прифатам.
Ќе дадам оставка и во случај ако, поради притисок од јавноста, од надворешниот фактор, или од која и да било причина ќе мора да делувам во спротивност со моите програмски начела и ветувањата што ви ги давам.
Се колнам дека при моите делувања СЕКОГАШ на прво место ќе ми бидат интересите на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, македонскиот народ и интересите на сите лојални граѓани на Република Македонија, припадници на малцинствата, заедниците и други социјални или политички групи.
Дека сум борец за Македонија и Македонизмот доказ се моите досегашни активности, во прв ред секојдневните четиримесечни протести за неменување на името Република Македонија, како и агитирањето и собирање декларации за зачувување на името МПЦ-ОА, на што сум посебно горда.
Со почит,
Зорица Цветковска